Новите системи за синтеза на говор се базираат на сложени архитектури од невронски мрежи за да постигнат природност блиска до човековиот говор. Оваа нивна сложеност ја оневозможува нивната директна примена во вгнездените системи кои располагаат со ограничени процесорски и мемориски ресурси.
Групата за говорни технологии изработи прототип систем за синтеза на говор „Везилка-lite” базиран на невронски мрежи кој може да се примени во овој вид на системи. Системот е реализиран со поедноставен модел за создавање на гласот (вокодер), што овозможува работа на системот во реално време. Ова води до намалување на природноста во однос на посложените вокодери, но е нужен компромис за примена на целосниот систем на вгнездена платформа.
Системот беше развиен за компанијата Гордиан системи, Скопје, со цел да биде применет во иновативните асистивни уреди кои ги изработува компанијата. Овие уреди ќе можат да комуницираат со целните корисници кои може да бидат лица со оштетен вид или пак слепи лица. Со тоа директно ќе може да се влијае кон подобрување на животот на оваа категорија на граѓани и зголемување на нивната инклузија во општеството.
Еве како звучи прототип системот.
Јас сум систем за синтеза на говор на македонски наменет за работа во реално време на вгнездени системи.
Системот е развиен за компанијата Гордиан системи со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој.
Асистивните технологии овозможуваат дигитална инклузија на лицата со попреченост.
Визијата на здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ е свет на рамноправни активни луѓе.
За тренирање на нашиот систем искористивме дел од јавно-достапните аудиокниги објавени од македонскиот Национален сојуз на слепи. Развојот на системот беше финансиран од македонскиот Фонд за иновации и технолошки развој.