Знаковен е алатка за конверзија на текст во знаковен јазик за олеснување на комуникацијата со глувите и наглуви лица. Алатката е направена во соработка со DIPteam-от. Таа најпрвин го преобразува влезниот текст во низа на симболи кои потоа ги преточува во видео секвенца од знаци. Фондот на симболи, односно знаци, со кои работи алатката е 200, а точноста е 95.51% на ниво на симболи.
Проблемот кој го адресира алатката се тешкотиите на следење на пишан текст кај лицата со оштетен слух. Ова доаѓа од нивното не познавање на говорниот јазик и тоа како звучат буквите. Уште повеќе, знаковниот јазик функционира различно од говорниот јазик - во него мислите се искажуваат преку низи на симболи кои немаат граматички одлики од типот на род, број, лице и време. Неколку примери се дадени во следната табела:
гласовен | знаковен |
---|---|
Снеже знаеше дека некој таму ја чека. | Снеже знае некој таму чека |
Семејството врапчиња живееше на најубавото дрво во населбата. | семејство птица живее убав дрво место |
Славе и неговиот татко, многу сакаа да им помагаат на животните. | Славе негов татко многу сака помош животно |
Знаковен е опишан во трудот:
Работата на Знаковен беше поддржана од Викторија Смилевска и Анета Црвенковска преку нивната експертиза во знаковниот јазик. Видео снимките од знаците беа направени со помош на Гордана Стаматоска.