Сиборд

Сиборд е апликација за аугментирана и алтернативна комуникација (ААК) дизајнирана да им помогне на децата кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот да комуницираат и да ги искажат своите потреби, чувства и мисли. Групата за говорни технологии на ФЕИТ, заедно со партнерите од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците”, проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков” и м-р Стефан Јанев од Melon Inc., а со поддршка на македонската канцеларија на УНИЦЕФ, ја прилагодија Сиборд за употреба на македонски и албански јазик. Во рамките на проектот исто така креиравме нов глас за синтеза на говор на македонски наменет за употреба во асистивните технологии – женскиот глас „Сузе“.

Апликацијата беше промовирана во ИНОФЕИТ, а на настанот присуствуваа Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, како и претставници од „Отворете ги прозорците” и тимот на ФЕИТ.

cboard promocija 0

cboard promocija 1

Сиборд е слободен софтвер креиран со поддршка од Фондот за иновации на УНИЦЕФ. Може да се преземе бесплатно од „Google Play“ и да се инсталира на Андроид мобилен уред или таблет, или директно до неа да се пристапи на страницата на Сиборд. „Отворете ги прозорците” создадоа детално упатство за употреба на Сиборд, како и за инсталирање на новиот глас „Сузе” кој може да се користи и со читачите на екран.

Сиборд може да се употреби како помош за децата и возрасните кои се соочуваат со голем број говорни и јазични нарушувања за да се олесни нивната комуникација со употреба на симболи кои се синтетизираат во говор. Може да се користи во различни средини, почнувајќи од семејството на детето и од предучилишните установи, центрите за рана интервенција, училиштата, центрите за ресурси и службите за говорна терапија и може главно да помогне во раниот детски развој и раната инклузија на децата со попреченост почнувајќи од предучилишно образование и понатаму.

Досега, повеќе од 170 стручни лица вклучувајќи тимови за инклузија од десет градинки, наставници од предучилишни установи, терапевти, психолози, членови на Комитетот за меѓународна класификација на функционалности и специјални едукатори се запознаа со примената на алтернативната и аугментативната комуникација, вклучувајќи го Сиборд, во работата со деца кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот и јазикот. Стручните лица кои ја тестираа апликацијата во пилот-фазата потврдуваат дека децата особено добро реагираат на опцијата за претворање на текст во говор, дека покажуваат подобрување во опсегот на зборови и во изразувањето на своите потреби.




Благодарност

Локализацијата на Сиборд и создавањето на гласот „Сузе” беше поддржано од македонската канцеларија на УНИЦЕФ во рамките на проектот „Инклузија на децата со попреченост во предучилишното образование“. Во реализација на гласот „Сузе” помогна и Звонимир Станечиќ, поддржувач на РХВоис.