Сузе е женски глас за синтеза на говор наменет за примена во за асистивните технологии. Тој беше создаден во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците”, проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков” и м-р Стефан Јанев од Melon Inc., а со поддршка на македонската канцеларија на УНИЦЕФ за потребите на апликацијата Сиборд. Гласот „Сузе” беше промовиран на ИНОФЕИТ во присуство на Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ и Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Гласот „Сузе” е слободен софтвер кој работи со слободниот синтетизатор на говор на РХВоис. Гласот може да се преземе бесплатно од „Google Play“ и да се инсталира на Андроид мобилен уред или таблет, или пак да се инсталира на компјутер и да се користи со читачите на екран како НВДА. „Отворете ги прозорците” создадоа детално упатство за инсталирање и конфигурирање на „Сузе”.
Почитувани слушатели, дозволете ми да се претставам. Јас сум гласот за синтеза на говор-од-текст на македонски јазик „Сузе“! Дали сакате да зборуваме македонски?
Мојот глас е направен за примена во асистивните говорни технологии. Тоа значи дека е оптимизиран за брза работа на мобилните уреди, но и дека корисниците можат да ме прилагодат за нивните потреби.
Корисниците можат целосно да ја контролираат брзината со која зборувам. Од бавно бавно најбавно. До брзо брзо најбрзо.
Исто така можете слободно да ја поставите висината на мојот глас. Од ниско ниско најниско. Па сѐ до високо високо највисоко.
Се надевам дека со овие можности корисниците ќе уживаат во употребата на мојов глас во асистивните технологии.
Создавањето на гласот „Сузе” беше поддржано од македонската канцеларија на УНИЦЕФ во рамките на проектот „Инклузија на децата со попреченост во предучилишното образование“. Гласот го позајми Сузана Тодоровска, студент на постдипломски студии на Филолошкиот факултет при УКИМ.